Холандија се избори за реми против Германија, што за нив значеше и пласман во плејофот во Лигата на нациите. „Лалињата“ за бодот се изборија во самиот финиш на средбата која се одигра на „Велтинс“ арената, но од редовите на „панцирите“ сметаат дека нивниот противник не заслужи да замине непоразен.
Милер и Вернер по мечот истакнаа исто мислење, нивната селекција заслужи да победи бидејќи Холандија до 85-тата минута не покажа ништо за да стигне до посакуваното реми.
„Вистинска штета е што не забележавме победа. Покажавме многу подобра игра од претходните мечеви, создадовме многу шанси, имавме целосна контрола на мечот до 85-тата минута. Холаѓаните до тој момент не направија ништо, а потоа од никаде стигнаа до бод. Сметам дека заслуживме повеќе од реми“, истакна Милер, а Вернер се надоврза: „Доминиравме речиси цела средба, жално е што не успеавме да ја задржиме предноста“.
Ремито од 2-2 за Германија значеше и испаѓање од Сегментот А во Сегментот Б, додека Холаѓаните со подобра гол-разлика од Франција ќе го чекаат својот следен противник во Ф4.