Милевски: Иако сме во најтешката група од квалификациите, уште сме конкурентни и во трка за ЕП

Македонскиот селектор Благоја Милевски е задоволен од победата над Малта и освоените четири бода од двата меча во овој септемвриски циклус во квалификациите за ЕП 2024 година.

„Честитки за фудбалерите за одиграниот меч, но и честитки за Малта, која уште еднаш покажа дека се работи за квалитетен тим, доста организиран. Секоја чест до момците кои крајно сериозно влегоа во мечот, постојано ја контролираа играта. Можевме да постигнеме уште некој гол“, вели Милевски за дуелот одигран вечерва на стадионот „Та-Кали“ во Малта.

Со оваа победа, Македонија останува во трка за второто место во групата, а селекторот е горд што уште сме конкурентни во сигурно најтешката група од квалификациите.

„Во спортот сè е можно. Оваа позиција ни дава шанси уште да се надеваме. Сè уште сме активни, уште сме живи, иако ја добивме убедливо најтешката група, во која за противници ги имаме Англија, Италија и Украина. Уште сме далеку од тоа да сме рамо до рамо со големите селекции, но ние стремиме да одиме натаму. Ме радува фактот што веќе имаме млада селекција која покажува одреден квалитет и со право може да бидеме горди на нив и да бидеме оптимисти дека ќе создадеме конкурентна селекција која ќе трае во наредните 5-6 години. Морам да признам дека сум задоволен“, вели Милевски.

Што се однесува до повредата на Ѓоко Зајков, Милевски се надева дека повредата не е сериозна.

- Оглас -

Најнови вести