Милевски: Морам да погазам дел од моите принципи, инаку ќе останевме без 70 отсто од репрезентативците

Голем предизвик ќе бидат двата меча на македонската фудбалска репрезентација против Украина во Скопје и Англија на гости во квалификациите за Европското првенство во Германија следната година. Селекторот Благоја Милевски повторно има проблеми околу составот затоа што поголем дел од репрезентативците не се во посакуваниот ритам и не играат доволно во своите клубови.

Дополнителен проблем е фактот дека ќе ги немаме Бојан Миовски и Дарко Чурлинов, но Милевски вели дека ќе се одберат најдобрите од тие што се на располагање.

„За жал, мора да ја почнам прес-конференцијата за брзо закрепнување на Бојан Миовски и Дарко Чурлинов. Бојан се повреди на последниот меч за Абердин, а Дарко е сместен во Клиничкиот центар во Белград. Имаме еден дебитант, тоа е Сефер Емини кој со своите игри во данскиот клуб заслужи да биде дел од тимот. Другите играчи се од последниот собир во март“, вели Милевски, кој додава дека морал да погази дел од своите принципи.

„Останавме без две опции во нападот, но нема кукање и ќе гледаме да извадиме максимум од тоа што го имаме. За жал, морам да погазам некои од своите принципи, а тоа е дека во националниот тим ќе играат само оние кои се стандардни во своите клубови. Ако гледаме така, тогаш треба да останеме без 70 отсто од репрезентативците. Ако гледаме така, ние имаме мал број играчи кои се на ниво за да одговорат на мечеви од евроквалификации. Откако сум селектор, во овие две години само на мечот со Португалија одигравме комплетни како што посакувам. На сите останати средби имавме отсутни играчи“, објаснува селекторот Милевски, кој додава дека прво ќе се прават тактики за дуелот во Скопје, а дури потоа ќе се размислува за мечот против Англија.

„Целиот фокус сега ни е ставен на дуелот против Украина, а дури откако тој ќе заврши, ќе размислуваме за мечот против Англија. Ова се два противника кои како тим функционираат перфектно, но ние имаме цел да победиме, а прашање е како ќе заврши на крајот. Во денешниот фудбал нема изразити фаворити, па секој што сака да победи, ќе мора да го даде максимумот“, изјави Милевски.

Подготовките ќе бидат во две етапи. Од 2 до 8 јуни ќе бидат фудбалерите кои веќе ги завршија клупските обврски, а од 5 јуни ќе бидат и оние репрезентативци кои засега уште имаат клупски обврски. Официјално подготовките ќе започнат на 10 јуни, а најдоцна ќе пристигнат Џани Алиоски и Дени Илиев.

Составот на Македонија за овие два меча може да го видите ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести