Милевски: Верувам во играчите кои одиграа одлично во вториот дел од квалификациите

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски вели дека е задоволен од тоа како одиграла нашата селекција во завршницата на квалификациите за Европското првенство во Германија и токму затоа на списокот се играчите кои во тој период го носеа главниот товар.

„Со нетрпение го очекуваме новиот собир и силните натпревари против Хрватска и Чешка, две репрезентации учесници на Европското првенство. Во составот на македонската репрезентација се фудбалерите кои потврдија дека можат да бидат конкурентни и со најсилните европски селекции. Остануваме лојални на играчите кои одиграа одлични натпревари во вториот дел од квалификациите за Европското првенство, посебно против големите фаворити, Англија и Италија. Без разлика на формата или статусот во клубовите ќе бидат тука за главната наша цел – Лигата на нации и пресметките кои не очекуваат од септември“, вели Милевски.

Во составот се враќа Дарко Велковски, а дуелите против Хрватска и Чешка ќе бидат последна контрола пред настапите во Лигата на нации кои започнуваат во септември.

„Со нас е Велковски, кој е во последната фаза на опоравување од повреда, но без разлика дали ќе може да игра, важно е што како еден од најискусните во тимот и еден од лидерите на екипата е дел од овој собир. Двата контролни натпревари во Ријека против Хрватска и Храдец Кралове против Чешка ни се важни во подготовките за септемвриските предизвици, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. Мора да поправиме и некои работи во играта ако сакаме да забележиме позитивен резултат на претстојните два меча. Мораме подобро, свесен сум за тоа. Создаваме шанси, но мораме да ја подобриме ефикасноста, повеќе да влегуваме во празен простор, да покажеме карактер. Ова се натпревари на кои мотив сигурно нема да недостасува и треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто“, заврши Милевски.

- Оглас -

Најнови вести