Милевски: Против Украина ни одговара само победа!

Сонот на македонската фудбалска репрезентација за пласман на завршницата на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Германија уште трае. Селекторот Благоја Милевски повика 25-мина фудбалери, меѓу кои повратник е Дарко Чурлинов, а поради повреда го нема Ѓоко Зајков, додека поради тренерска одлука изоставен е Доријан Бабунски.

„Во составот се оние играчи коишто играат и на последните дуели. Во составот се враќа Дарко Чурлинов, кој одигра и 30-тина минути во дресот на Барнли. Зајков имаше оперативен зафат и сега закрепнува, па затоа и не може да сметаме на неговите услуги. Мислам дека веќе влегуваме во завршницата од овие квалификации. Изостанувањето на Доријан Бабунски е моја одлука. Имав разговор со него и тој останува во конкуренција за наредните дуели“, објасни Милевски.

Македонија има седум бодови од пет натпревари, а со ист биланс е и Украина, која е следен ривал на избраниците на селекторот Благоја Милевски. Против Украина ќе играме на неутрален терен во Прага. Седум бодови во групата има и Италија, но од четири одиграни средби, додека убедлив лидер е Англија со 13 бода од пет натпревари.

„Само победа и нам и на Украина ни е оптимална ситуација да се најдеме и по овој меч. Мислам дека ќе биде еден отворен меч, особено што нерешениот резултат не им одговара на двете екипи. Потоа ни следуваат два меча против Италија и Англија, па ќе видиме што ќе ни донесе дуелот во Прага. На секој меч очекуваме да победиме и сè правиме во функција на тоа, без разлика дали играме со Италија, Малта или Украина. Сепак, од другата страна има противник и не зависи само од нас. Атмосферата во тимот е одлична, посебно по двата одлично одиграни меча во септември“, вели Милевски.

Против Украина претрпевме еден од најболните порази, откако во Скопје на полувреме водевме со 2:0, но на крајот загубивме со 2:3.

„Повеќе пати го анализиравме мечот во Скопје, посебно тие последни 30 минути. Воочивме многу аномалии, но и позитивни работи. Ќе мораме многу работи да поправиме од тој меч, иако одигравме феноменални 65 минути. Верувам дека на овој меч кој ни претстои ќе ги коригираме сите недостатоци што се покажаа“, вели Милевски.

- Оглас -

Најнови вести