„Минималец“ за Вардар против Металург

Вардар славеше како гостин против Металург со 27:26 во СЕХА-лигата и со новите три бода го зазеде првото место на табелата во ова регионално натпреварување, со еднаков број бодови како ППД Загреб.

Вардарци добро го отворија натпреварот и предводени од расположениот Дисингер, поведоа со 8-4. Но, тука подзастанаа и домашните направија убава серија од 9-3 за предност од 13-11 по првото полувреме.

Хроничен проблем на Металург е второто полувреме, но овојпат момците на тренерот Брестовац добро се држеа, подолго од вообичаеното. Веројатно за тоа придонесе големата мотивација која ја имаа. Кај Металург добро бранеше Даниловски, во тие воведни минути од вториот дел во нападот се истакна Стојановиќ, па во 36-тата минута Металург водеше со 16-12, а Парондо повика тајмаут за да им порача на своите играчи да бидат поцврсти.

Вардар почна да ја намалува негативата, дури и поведе со разлика од два гола на пет минути до крајот. Металург изедначи, се играше гол за гол, а последниот напад го имаа домашните, но шутот на Шпенде заврши покрај стативата на голот на гостите.

Вардар во СЕХА пет години не знае за пораз од Металург. Триото Криштопанс, Дисингер и Чупиќ со по 5 гола беа најефикасни кај Вардар, Скубе даде 4 и заедно со 17-годишниот голман Марко Кизиќ, кој имаше 14 одбрани, беа творци на победата. Кај Металург, Даниловски имаше девет одбрани, а Шпенде даде 6 гола од 14 шута, но не го погоди оној најважниот со којшто можеше да му донесе бод на Металург.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести