Миовски добива силна конкуренција: Голгетерот на Хартс потпиша за Ренџерс

Ѕвездата на Хартс, Лоренс Шенкланд, официјално премина од Хартс во Ренџерс и изјави дека го остварил својот детски сон. Тој пристигнува на „Ајброкс“ како слободен агент. Триесетгодишниот напаѓач потпиша договор на две години, со можност за продолжување уште на една сезона. Со тоа и македонскиот репрезентативец Бојан Миовски добива силна конкуренција во нападот.

Минатото лето Шенкланд беше убеден од менаџерот на Хартс, Дерек Макинес, да остане во тимот и потпиша тригодишен договор, но клучен дел од спогодбата била клаузулата за раскин на договорот по завршувањето на првата година. Токму таа опција ја искористи тимот на Дани Рол за да го обезбеди своето прво засилување во летниот преоден рок.

Шенкланд, кој ќе го носи дресот со број „7“ на „Ајброкс“, изјави:


„Среќен сум што сум тука и што ја добив оваа можност. Ренџерс е клубот од моето детство и отсекогаш ми било сон да играм тука, па навистина сакав овој трансфер да се реализира.“

„Вложив многу труд за да стигнам до овој момент. Клубот сака повторно редовно да освојува трофеи, а јас сакам да бидам важен дел од тоа, па затоа дојдов тука“, додаде тој.

Менаџерот Рол коментираше: „Среќни сме што Лоренс му се приклучи на Ренџерс. Тој е играч со докажан квалитет, лидерски способности и одлична работна етика, а неговите голови зборуваат сами за себе.“

„Тој ги разбира барањата и очекувањата во Ренџерс и веруваме дека неговиот карактер и искуството ќе бидат огромно засилување за тимот. Му посакувам успех на Светското првенство ова лето и со нетрпение очекувам повторно да го поздравиме во Глазгов за претсезонските подготовки“, додаде стратегот.

- Оглас -

Најнови вести