Митровиќ ги провоцира Португалците: Роналдо џабе се лути, не беше гол

Стефан Митровиќ е фудбалерот кој е „виновен“ за нервозата на Кристијано Роналдо по дуелот Србија – Португалија, кој заврши 2:2 во квалификациите за Светското првенство во Катар. Токму Митровиќ беше фудбалерот кој успеа да ја извади топката од гол-линијата и да ја спаси Србија од пораз.

Според речиси сите неутрални љубители на фудбалот, топката ја помина гол-линијата и тоа требаше да биде погодок за Роналдо. Селекторот на Португалија, Фернандо Сантос откри дека и судијата му признал дека е направена грешка на штета на Португалија и дека тоа било чист погодок.

Сепак, не сите велат дека погодокот на Роналдо е регуларен. Митровиќ кој успеа да ја шутне топката да не влезе во мрежата на српскиот гол, вели дека погодок немало.

„Роналдо има свое видување на ситуацијата, може да биде и лут, но јас мислам дека топката не влезе во голот. Ние на крајот сме задоволни од резултатот, освоивме бод. Не сме презадоволни, затоа што одевме на победа, но среќни сме со бодот“, рече Митровиќ.

- Оглас -

Најнови вести