Нема што да се дискутира, судијата ми се извини по мечот

Селекторот на Португалија, Фернандо Сантос беше многу лут по вчерашниот меч на неговата селекција против Србија во Белград. Мечот од квалификациите за Светското првенство 2022 година беше решен со судиска грешка во последните моменти од мечот.

При резултат 2:2, Роналдо шутираше кон голот на Србија, топката ја помина гол линијата, а потоа еден од домашните бекови ја исфрли во поле. Бидејќи на средбите од квалификациите за СП 2022 година не се користи ниту ВАР системот, ниту гол-технологијата, остана судиите да одлучат дали е погодок.

Линискиот судија покажа дека топката не ја минала гол линијата со цел обем и дека не е погодок, а Роналдо збесна и не сакаше да го доигра мечот. По завршување на средбата, Сантос откри дека добил извинување од главниот арбитар.

„Топката беше во гол барем половина метар, но тоа не може да го скрие фактот дека не игравме добро. Не смее да се има ваков пристап на мечеви што се толку значајни. Судијата ми се извини по мечот за направената грешка. Ситуацијата беше јасна и тоа мораше да го видат. Сега е доцна. Роналдо јасно виде дека е гол и затоа беше нервозен, како и останатите наши фудбалери“, рече Сантос за спорната ситуација на дуелот Србија – Португалија.

 

- Оглас -

Најнови вести