Репрезентацијата на Македонија во Никозија на Кипар утре ќе го одигра последниот натпревар од Лигата на нациите против Ерменија, а во составот на Игор Ангеловски има големи промени во средниот ред. Отсуствата на повредените Адеми, Елмас и Барди, и суспендираните Николов и Спировски, значеа дека во средината на теренот ќе мора да играат фудбалери и од македонската прва лига. Дополнително во А тимот беа повикани Енур Тотре од Шкендија и Дарко Мицевски од Вардар.
„Се пласиравме на ЕП, тоа го остваривме, но секој натпревар е важен и го цениме. Знаеме за тимот на Ерменија, но за нас најважно е да ги спроведеме на дело задачите од стручниот штаб. Имаме многу промени, многу играчи недостасуваат, но јас верувам дека тие што сме тука, ќе го дадеме максимумот. Важно е да бидеме први во оваа група, која носи пласман во Сегментот Б“, рече Тотре.
„Секогаш е чест да се биде дел од националниот тим. Ќе се обидам да ја искористам шансата. Не чувствувам притисок од тоа што ќе мора да ги менувам Елмас, Адеми и Барди во средниот ред. Секој фудбалер гори од желба да настапи за својата земја“, изјави вардарецот Мицевски.