Младите фудбалери ги започнаа подготовките за квалификациите за ЕП 2025, првите два меча се против фаворитите

Младата фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година вчера официјално во Скопје ги стартуваше подготовките за престојните два квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2025 година кое ќе се игра во Словачка.

Селекцијата предводена од Драги Канатларовски во првиот меч од квалификациите ( 8 септември) ѝ гостува на селекцијата на Шведска, додека во второто коло, кое ќе се игра четири дена подоцна во Скопје, игра против Холандија.
„Во репрезентацијата владее одлична атмосфера уште од самиот почеток, функционираме како еден тим. Подготвени сме сите заедно да го дадеме максимумот на секој натпревар што следува. Ги воочивме грешките, извлековме голема поука и научивме многу од претходните контролни мечеви, посебно на тие каде што бевме поразени. Од натпревар во натпревар сè повеќе напредуваме, играме подобро и поквалитетно. Располагаме со одличен состав, сите со нетрпение го очекуваме стартот на квалификациите и првиот дуел со Шведска на гости. Оваа генерација има квалитет, но и огромна желба за остварување на големи резултати. Очекувам на претстојните квалификации да одиграме на едно високо ниво, со голема борба и пожртвуваност и верувам дека доколку сè биде во ред, ќе имаме успешни квалификации. Добро ја анализиравме играта на Шведска и на тимско и на индивидуално ниво. Селекција која располага со многу квалитетни фудбалери кои настапуваат во големи европски клубови. Фокусирани сме максимално на првиот меч и дуелот со Шведска. Сакаме да ги отвориме квалификациите со победа и освојување на три бода. Сигурен сум дека имаме квалитет и можеме да го повториме историскиот успех од 2017 година и учеството на тогашната репрезентација на Македонија на Европското првенство кое се одржа во Полска, подготвени сме за тоа“, изјави еден од главните играчи во младата репрезентација, Марио Илиевски.

Младата репрезентација на Македонија денеска во 16 и 30 часот ќе го одржи вториот тренинг по вчерашниот собир во хотелот „Парк“ во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести