Младост го победи Работнички со 89:73 во меч од четвртото коло од АБА 2 лигата во Златибор. Ова беше меч на кој играчите на Работнички можеа да се уверат како може да се победи убедливо, дури и без да се погодуваат тројки. За Работнички ова е втор пораз во АБА 2 лигата, а Младост се израдува на вториот триумф.
Работнички добро го отвори мечот и имаше водство од 14:7, но тоа кратко траеше. Со серија од 10:0, Младост поведе со 17:14 и повеќе не му дозволија на тимот од Градски парк да има предност. По првата четвртина беше 24:19, а Младост продолжи со добра игра и во вторите 10 минути.
Екипата од Земун во 18-тата минута поведе и со 45:24, а предноста од 21 поен ја задржа и на полувреме. Интересно е што Младост во првото полувреме не постигна ниту една тројка, но затоа српскиот тим беше доминантен под обрачите, од каде што и лесно го полнеа кошот на Работнички.
Највисоката предност на Младост беше во третата четвртина (68:41), но Работнички не сакаше лесно да се предаде. Со тројките кои се најсилно нивно оружје, намалија на 72:60, но противникот не дозволи да има неизвесна завршница и на 5 минути до крајот водеше со 84:66, по што мечот беше решен.
Мичел со 26 поени, 9 асистенци и седум скока беше нерешлива енигма за Работнички, додека кај македонскиот тим најефикасен беше Питс со 25 поени,а Вашингтон постигна 16 поени.
Статистиката на крајот покажа дека Работнички упати дури 32 удари за три поени, а погоди 12 пати. Младост во текот на сите 40 минути погоди само три тројки, но и без поените од далечина, покажа како може да се победи убедливо.