Капитенот на Реал Мадрид, Лука Модриќ, немаше објаснување за слабото издание на неговиот тим во натпреварот со Милан (1-3) во Лигата на шампионите. Тој изјави дека тоа беше уште една разочарувачка вечер за Кралскиот клуб, кој повторно не го покажа најдоброто што го може.
„Уште една разочарувачка вечер за нас. Тешко ми е да дадам оценка за натпреварот. Во некои моменти игравме добро, но генерално ова не беше нашето најдобро издание. Не игравме добро, а Милан беше подобар од нас“, смета Модриќ.
„Не станува збор само за еден дел од тимот, туку за сите како целина. Мораме да играме подобро како тим, да бидеме пообединети на теренот, да ги наоѓаме вистинските решенија затоа што во моментот изгледаме разделени и стоиме премногу далеку еден од друг. Мораме да ја вратиме силата од последните години“, додаде Хрватот.
„Убеден сум дека ќе се подобриме, но потребно е време. Имаме само шест бода, а не очекуваат тешки натпревари. Мораме да останеме сплотени и да го поправиме тоа што не го правиме како што треба. Не сме во криза, не го сакам тој збор. Овде сум веќе 12 години и не е првпат да се наоѓам во ваква ситуација. Класата не е доволна – потребно е да работиме повеќе како тим – тогаш ќе биде полесно. Убеден сум дека повторно ќе се издигнеме“, заврши ветеранот.