Монако ја зацврсти одбраната, дојде Налдо

Монако ја официјализираше првата зимска аквизиција, дефанзивецот на Шалке 04 Налдо пристигна во Кнежевството за сума од 1,2 милиони евра. Триесет и шестгодишниот Бразилец по 14 сезони ја напушти Бундеслигата, па сега ќе има тежок предизвик да му помогне на составот кој го води Тиери Анри за да обезбеди опстанок од Лигата 1.

Налдо во својата кариера менуваше неколку германски клубови, за Вердер Бремен, Волфсбург и Шалке одигра над 500 натпревари. Минатата сезона ги одигра сите 34 меча во Бундеслигата и беше избран за трет најдобар играч во првенствтото од страна на Унијата на германски фудбалери, зад дуото на Баерн, Роберт Левандовски и Хамес Родригес.

„Ова е нов проект за мене по 14 години поминати во Бундеслигата. Му благодарам на Монако што има доверба во мене, сега имам задача таа да ја оправдам на теренот. Ќе дадам сè од себе да му помогнам на овој клуб да ги оствари своите цели“, исткана Налдо за официјалната веб-страница на Монако.

Во следните неколку дена се очекува да пристигне и Сеск Фабрегас од Челзи.

„Кнезовите“ имаа катастрофален почеток на сезоната, а слабите резултати ги натераа да се борат за опстанок во француската елита. Вториот дел од сезоната ќе го започнат на гости кај Марсеј, дуел кој е закажан за 13-ти јануари.

- Оглас -

Најнови вести