Арон Гордон се претвора во јунак на Денвер нагетс во годинешниот НБА-плејоф откако по вторпат му носи победа на својот тим. Денвер победи кај Оклахома сити тандер со 121-119 и поведе со 1-0 во ова западно полуфинале.
Патот до победата на Грутките го отвори Никола Јокиќ со феноменална партија од 42 поени, 22 скока и 6 асистенции (само петти играч во историјата на НБА-плејофот со над 40 поени, 20 скока и пет асистенции на еден меч), но тоа немаше да биде доволно за победа да не беше тројката на Гордон на три секунди до крајот. Домашните немаа тајм-аут, беа шокирани и Денвер дојде до победата, а сите се собраа да слават околу Гордон и му честитаа за кошот со кој им донесе брејк.
За Оклахома сити ова е прв пораз во плејофот 2025. Шај Гилџиус-Александер имаше 33 поени, 10 скока и 8 асистенции.
Изненадување се случи во Бостон, каде што Њујорк никс славеше со 108-105, и тоа по продолжение од пет минути, па и во таа серија од полуфиналето на Истокот, тимот аутсајдер ја презеде предноста на домашниот терен. Во текот на мечот Селтикс водеше и со 20 поени разлика, но Никси конечно во петтиот обид сезонава, првпат успеаја да го победат актуелниот првак. Бостон постави негативен рекорд од 45 промашени шутеви за три поени на еден плејоф-меч (погодија 15 тројки од 60 обиди).
Погледнете ја завршницата на мечот во Оклахома сити:
AARON GORDON 3 FOR THE WIN!!!@nuggets take Game 1 in a THRILLER 🤯 pic.twitter.com/fxV2ReRPZA
— NBA (@NBA) May 6, 2025