Ангеловски почна пред 80 души, настапот на ЕП го чека со 2 милиони селектори

Многу критики, коментари, протести и реакции има на списокот со 26 повикани репрезентативци што ќе конкурираат за настап за македонската фудбалска селекција на Европското првенство од 11. јуни до 11. јули, историско за нас, прво големо натпреварување за А тимот.

Интересно е што сега има 2 милиони селектори, сите со свои кандидати, желби, проекции и формации. Од нив само 80 души, јунаци, беа на првиот меч што Игор Ангеловски го имаше како селектор на Македонија, на 12. ноември во 2015 година.

КОЛКУ, СМЕ ТОЛКУ СМЕ, А БЕВМЕ МАЛКУ НА СТАРТОТ НА ПЛОВИДБАТА КОН ЕП

Игравме против Црна Гора во Скопје и нашата фудбалска гордост, националната арена „Тодор Проески“, тогаш именувана како „Филип Втори“ беше застрашувачки празна.

Сега по нешто повеќе од пет години селекторување на Мрме душата ни е полна од радост, срцето трепери пред настап на ЕП, се бара билет повеќе, дрес, шал, било што, нешто со македонски обележја.

ДА, Македонија ќе игра на прво големо натпреварување за неполни три седмици, а заслугата на селекторот е огромна, без разлика дали го почитувате, или не.

Почна тивко, наследи наведнати глави и репрезентатација во распад на 150 и кусур место на ФИФА ранг-листата. Без никаква поддршка, со минато без речиси никакво минато, резултати и успеси.

Секако дека во петгодишното селекторување има и грешки, па кој не греши, но вкупниот впечаток е брилијантен.

Контрашите се изјаснија, лесно му било на Мрме, УЕФА ни помогна да се пласираме од најслабиот сегмент во Лигата на Нации.

ДА, Чеферин го измисли натпреварувањето специјално за Македонија и ДА, лесно беше да се победат Косово во Скопје и особено Грузија во Тбилиси, во психолошки исклучително тешки мечеви за играње.

Кога ти виси дамокловиот меч над глава, а не те сече пред се благодарение на големите фудбалските јунаци, Пандев, Алиоски, Елмас… и сите останати што ги одбра и предводеше Ангеловски.

МАКЕДОНИЈА СОВРШЕНО ГО ОДИГРА „ТЕШКОТО“, НА РЕД Е ЛЕСНОТО

Ладни како шприцер ја елиминираа запалената Грузија среде Тбилиси. Со набој од неколку илјади домашни навивачи, кои го прекршија и полицискиот час за да им приредат пред се на своите миленици спектакл како поддршка и да се обидат да ги демотивираат гостите од Македонија.

Истата таа Грузија што нели е слаба, ги држеше Шпанците во клинч и нокдаун на истото место, во Тбилиси, само 4-5 месеци подоцна и падна со гол примен во 92. минута.

И тогаш и сега списокот на репрезентативци беше речиси ист. Селектори и тогаш имаше два милиони и сега е така, само едно е различно. Македонија го одигра тешкото и тоа совршено, па сега на ред е лесното, да уживаме на големо првенство што го сонувавме 30 години.

За крај на приказната и Германците се слаби, па ги победивме кај нив со прв пораз на домашен терен за моќниот „ЕлФ“ по 20 години пауза. Четирикратните светски прваци апсолутно нокаутирани, понижени, оставени да се чудат што им се случи. Победа од 2:1 во Дуисбург што ја „скова“ истиот селектор, Игор Ангеловски и неговите избраници во кои бескрајно верува. И приказна опеана како фудбалска бајка, како спортска сензација на векот од сите можни светски медиуми. На која искрено и се радуваа не само тие што живеат во Македонија, туку и сите обични вљубеници во неговото височество фудбалот, на сите агли од земјината топка.

И за жал само во Македонија ќе чуеш муабет, уличен, или чаршиски „Добри бевме, ама ни пуштија Германците“. Да се чудиш со што ги купивме, со пипер и патлиџан и некој тон бостан.

Уште една досетка и констатација во македонски стил со „влакно во јајцето“. „Слаби се Германците, никогаш не биле послаби“.

Па можеби е така со 5-6 играчи од Баерн Минхен, во тој момент актуелен европски, светски и германски првак, освоени сите можни трофеи во застрашувачки поход и во сезона каква што досега не памети фудбалскиот свет на клупска сцена.

И со уште пет-шестмина репрезентативци од англиската Премиерлига и беа пораз во квалификациски меч на свој терен повеќе од две децении.

СЕГА Е НАШЕ ВРЕМЕ, ЗА ЕДЕН СЕЛЕКТОР ШТО НЕ ОДВЕДЕ НА ЕП И ЗА ДВА И КУСУР МИЛИОНИ НАВИВАЧИ

И случајно триевме очи да не сонуваме дека Македонија е во ултра-офанзива и напаѓа во последните 15 минути против „Елфот“, против Германци што никогаш не застануваат и трчаат до бесвест и назад. Против селекција за која легендарниот Гари Линекер умно измисли вистински зборови „играат 22 играчи, 11 против 11 и секогаш победува Германија“.

Победа против селекција на која сите букмејкери на светот и ја даваат фаворитската улога, или ја ставаат во егал против светскиот првак Франција на премиерата на ЕП за двата гиганти.

Списокот е готов, тука измени нема да има. Имаме еден селектор, тој има апсолутно право да одлучува, бидејќи одговара за резултатите. кои засега вртат вода на неговата воденица. За нас останатите два милиони селектори сега е наше време да се релаксираме, да се радуваме на историски настап на големо натпреварување, да навиваме и да веруваме во селекторот и фудбалерите, 26 на број, грото од нив херои што ни овозможија бескрајна радост со пласман на ЕП.

Па дај боже пак да чуеме чаршиски муабети во наш стил, дека и Австрија, Украина и Холандија „ни пуштиле“, или дека се слаби и затоа ги победивме.

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести