Му го одзеде пеналот на соиграчот, даде гол, сакаше да го тепа тренерот, па погоди уште еднаш за победа (Видео)

Кепа Аризабалага одби да излезе од игра, но наместо херој, се претвори во трагичар на тимот на Челзи во финалето од Лига купот на Англија. Манчестер сити на пенали го освои трофејот, а Кепа доби казна од лондонскиот клуб поради непослушност.

Потегот кој го направи Кепа беше повод за потсетување на најлудите непослушности на фудбалерите кога се работи за одлука на тренерите. Вчера пишувавме за легендарниот германски фудбалер Гинтер Нецер, кој можеби е и единствен пример за играч кој сам решил да влезе во игра, а потоа даде гол за победа во финалето на Купот на Германија во 1973 година.  

Нецер не е единствен кој не го послушал тренерот, а тоа значело и добар потег, односно непослушниот играч да донесе победа за својот тим. Неверојатен е мечот од турското првенство, на кој во главна улога беше нигерискиот напаѓач од Ризеспор, Леонард Квеуке.

На гостувањето кај Генчлербирлиги, Ризеспор губеше со 1-2 кога беше досуден пенал за гостите. Според договорот, пеналот требаше да го изведе Каја Серкан. Сепак, Квеуке ја зеде топката и не сакаше да ја даде. Не само што не сакаше да ја даде топката, тој дури и ги пцуеше сите кои сакаа да го одвратат од намерата да го шутира пеналот.

Тренерот на Ризеспор, Хикмет Караман, стоеше на аут-линијата и луто мавташе со шише во рацете, но Нигериецот воопшто не сакаше да слушне да се повлече од изведувањето на пеналот.

Квеуке го реализираше ударот од белата точка, а потоа почна да пцуе кон тренерот, па дури сакаше да оди и да се тепа со него, но соиграчите го спречија.

Караман стоеше немоќно покрај аут-линијата и мавташе со шишето, иако неговиот тим пред крајот на мечот даде гол за 2-2, што значеше и спасување од пораз. Сепак, Квеуке не беше задоволен само со еден даден гол од пенал. Се играше втората минута од судиското надополнување кога Нигериецот даде уште еден гол за победа на Ризеспор од 3-2.

На тој начин, Квеуке не само што не го послуша својот тренер, туку на крајот даде два гола за целосен пресврт и триумф на неговиот тим.

По постигнувањето на погодокот за победа, Квеуке не се расправаше со тренерот, туку истрча кон трибината каде што беа навивачите и почна да плаче. Нигериецот кој остана запамтен во турскиот фудбал по овој луд меч, за Ризеспор одигра 277 меча и даде 114 погодоци. Квеуке, кој има и 22 настапи за репрезентацијата на Нигерија, има 31 година и моментно е без клуб.

- Оглас -

Најнови вести