Се налути и сам си даде дозвола да влезе во игра, а потоа даде гол за титула (Видео)

Кепа Аризабалага веќе втор ден е во центарот на фудбалската јавност откако вчера одби да излезе од игра на финалето во Лига купот против Манчестер сити. Кепа требаше да излезе од игра во 120-тата минута, точно пред да се изведуваат пеналите, но одби и остана да ги брани пеналите. Од петте удари на Манчестер сити, Кепа одбрани еден удар, но тоа беше премалку и Челзи загуби со 3-4 на пенали, а трофејот замина во витрините на „граѓаните“.

Потегот кој го направи Кепа потсети на најлудиот сличен потег кој некогаш е направен во фудбалот. Легендарниот германски фудбалер Гинтер Нецер беше синоним за фудбалски талент. Цели 10 години играше за Борусија Менхенгладбах, а го предводеше тимот до две титули во Биндеслигата во 1970 и 1971 година.

Талентот на Нецер го знаеја во цела Европа, а во 1973 година Реал Мадрид реши да го купи. Борусија требаше да игра во финалето на Купот на Германија, кога Нецер му соопшти на тренерот дека ќе си замине од Борусија. Како казна за заминувањето, Нецер беше оставен на клупата за резерви во финалето на Купот против Келн. Официјално тренерот објасни дека Нецер не бил психички подготвен за мечот поради тоа што неколку дена претходно починала мајка му.

Навивачите на стадионот во Дизелдорф скандираа „Нецер, Нецер“, а синокосиот Германец мирно седеше на клупата и гледаше што се случува на теренот. Борусија поведе во 24-тата минута, а потоа Келн израмни. На полувремето, тренерот на Борусија го запраша Нецер дали е подготвен да влезе во игра, а овој ладно му одговори: „Не ви требам јас“.

По 90 минути игра, немаше победник во финалето на Купот и требаше да се играат продолженија. Сите играчи уморни едвај чекаа да ги искористат тие неколку минути одмор пред почетокот на продолженијата, а Нецер тогаш го направи потегот за памтење. Му рече на тренерот дека влегува во игра и истрча на теренот без никого да праша. „Сега јас ќе играм“, е реакцијата на Нецер пред да влезе на теренот.

Со овој потег, Нецер стана првиот играч во Германија, а веројатно и во целиот свет што самиот себе си дал дозвола да влезе на терен. Овој потег на Гинтер се покажа и како најдобар во финалето. Само четири минути откако влезе на теренот, односно во 94-тата минута, Нецер направи двојно додавање со Бонхорф и потоа даде гол за водство од 2-1 на Борусија Менхенгладбах, што на крајот се покажа и како клучен за освојување на титулата во Купот.

Тоа беше и последен меч на Гинтер во дресот на Борусија, а потоа замина во Реал Мадрид, каде што играше три сезони, а на крајот кариерата ја заврши во Грасхоперс во 1977 година.

 

 

- Оглас -

Најнови вести