Му се погоди: Роналдо ќе дебитира против тимот над кого славел 10 победи во 11 средби

Утре целото внимание ќе биде насочено кон Манчестер и дуелот меѓу Јунајтед и Њукасл од четвртото коло во Премиер лигата, пред кој со нетрпение се чека второто деби на Кристијано Роналдо во црвениот дрес по остварениот камбек на „Олд трафорд“ 12 години откако го напушти.

Дефинитивно старо-новата мегаѕвезда на Црвените ѓаволи ќе биде во конкуренција за настап, останува да се види дали Солскјер веднаш ќе го вметне во почетните 11, или пак ќе го пушти во игра како резерва.

Она што го радува Роналдо околу овој меч е фактот што Њукасл му е еден од омилените противници од Премиер лигата, со оглед на тоа дека има остварено 10 победи и само едно реми во 11 средби против оваа екипа. И учинокот не е за замерување, Роналдо брои шест погодоци и пет асистенции против Њукасл, што само ги зголемува очекувањата дека неговото деби ќе биде одбележано со погодок пред полниот „Театар од соништата“.

Дуелот е предвиден да се одигра во 16 часот, во ист термин со уште три натпревари од најновото коло во англискиот шампионат.

- Оглас -

Најнови вести