МЗТ против Динамик ќе ги лечи раните

Мечот со белградски Динамик за екипата на МЗТ Скопје Аеродром доаѓа во незгоден момент, кога тимот е психолошки паднат по поразот во дербито со Работнички во понеделникот, но мора да најде начин да го преболи тоа и да остане непоразен дома барем во АБА 2 лигата.

Играњето на два фронта носи пеколен распоред, но и можност минатото да се остави зад себе и да се гледа само напред. Битката со Динамик од 19 часот во „Јане Сандански“ е важна за задржување на чекорот со водечките. Победа значи второ место, а пораз продлабочување на кризата и можно паѓање на позиција која не води во плејофот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов добро го познава противникот, но смета дека МЗТ може да дојде до посакуваните бодови.

„Натпреварот против Динамик ни доаѓа во незгоден момент, само три дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство, во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен“, вели Кочов.

Влезот е бесплатен, на МЗТ му треба поддршка против тим кој има неколку играчи со големо искуство во АБА и предводен од тренерот Владимир Ѓокиќ.

Андреј Маслинко, кој по повредата на Иве Иванов изнесува голем товар на позицијата крилен центар, предупредува дека нема да биде лесно, но ако дадат максимум и ако се придржуваат до договореното, МЗТ ќе ги израдува своите навивачи.

- Оглас -

Најнови вести