Англискиот селектор Томас Тухел подготви големо изненадување во пресрет на објавувањето на конечниот список на играчи за Светското првенство. Од списокот со 26-мина фудбалери, кој ќе биде објавен во петок, ќе изостане искусниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер.
Оваа одлука, како што се дознава, го шокирала 33-годишниот стопер, кој верувал дека ќе биде дел од тимот за турнирот во Северна Америка.
Мегваер за Англија има 66 настапи и седум гола од своето деби во 2017 година. Тој беше клучен играч под водство на Герет Саутгејт на Светските првенства во 2018 и 2022 година, како и на Европското првенство во 2020 година, додека ЕВРО 2024 го пропушти поради повреда.
Тухел изненадувачки го врати во репрезентацијата во март за натпреварите против Уругвај и Јапонија, што беше негов прв повик уште од септември 2024 година.
И покрај тоа што оваа сезона одигра 24 натпревари за Манчестер јунајтед и со клубот обезбеди враќање во Лигата на шампионите, поранешниот капитен на Црвените ѓаволи нема да патува на Мундијалот.
Реагирајќи на веста за изоставувањето, Мегваер изјави:
„Бев убеден дека по сезона каква што имав, можам да одиграм важна улога за мојата земја ова лето. Одлуката ме шокира и ме разочара. На играчите им посакувам сè најдобро.“

