Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром промовираше уште едно засилување. Тоа е српскиот кошаркар роден во БиХ, Милош Копривица (29 год, 208 см) кој потпиша едногодишен договор со клубот од „Јане Сандански“.
Станува збор за искусен центар, кој своевремено беше голем талент на Партизан, каде што мина две сезони, а во ист период потоа настапуваше и во дресот на Мега баскет. Тој освен што настапуваше за овие два клуба во јадранската елита, добро ги знае приликите и во АБА2-лигата, со оглед што во неа играше како член на Ловќен, Подгорица и Сутјеска.
Копривица минатата сезона ја мина во унгарскиот тим Капошвар од каде што направи трансфер во МЗТ Скопје Аеродром.
Српскиот центар е второ засилување за МЗТ Скопје летово, по Американецот Брандон Слај, додека продолжување на соработката потпишаа хрватскиот интернационалец Марко Баковиќ и браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Договор имаат уште и Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.