Екипата на МЗТ Скопје Аеродром со пораз од Борац Чачак ја завршија календарската 2018 година. Српскиот тим славеше со 79:74. И покрај поразот, „штрковите“ остануваат на втората позиција на табелата во втората јадранска лига.
За МЗТ ова беше најнеефикасна игра сезонава. Тимот на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој денеска за првпат стана татко, не успеа дополнително да го израдува шефот на стручниот штаб. Клучни беа првите минути од последната четвртина, кога Борац се одлепи на 11 поени разлика.
МЗТ играше без Младеновски и Маслинко, Соколов влезе само 27 секунди. Иванов со 25, Бојиќ со 22 и Стојановски со 14 поени беа најефикасни. За тимот ова беше трето гостување по ред во АБА 2.
Кај Борац, чиј тренер е Јовица Арсиќ (поранешен македонски селектор), кој имаше дури 40 обиди за тројка, најефикасни беа Радован и Илија Ѓоковиќ со 21, односно 17 поени.
Ова е последен меч за МЗТ во оваа 2018 година. Најголем успех на клубот годинава беше освојувањето на Купот на Македонија, но ги загуби титулата во првенството и статусот на редовен член на главната АБА-лига.