МЗТ со брејк се враќа од Битола

МЗТ Скопје ја доби првата полуфинална средба против Пелистер со 79:72 на гостувањето во Битола. Штрковите направија брејк и за два дена на домашен терен ќе имаат прилика да дојдат до втора победа со која би се пласирале во големото финале, за да ја бранат титулата во домашното првенство.

Фуризониот старт на битолчани и одличната серија од 14-0 ги доведе до убава двоцифрена предност која се одржуваше во воведните 10 минути. Истата достигна највисоки +16 на стартот од вториот период, но за среќа на неутралните гледачи кои посакуваа да гледаат интересна и неизвесна пресметка, МЗТ го задржа домаќинот на само 16 поени во втората четвртина и  успеа да се врати во игра, односно  на паузата да замина со резултатски заостаток од седум коша.

Со серија од 10-2 на стартот од второто полувреме, МЗТ потполно го донесе мечот во егал, што беше најава дека нијанси ќе решаваат на паркетот во „Боро Чурлевски“ салата. Самата завршница се играше кош за кош, се чекаше една грешка која може да биде фатална, а во последните четири минути со тројката на Стојановски, Штрковите конечно стигнаа до највисока разлика од пет поени во нивна корист.

Постот од една и пол минута без реализација во клучните моменти, како и серија промашени слободни фрлања на Кесар, се покажаа како кобни за Пелистер, па гостите од Аеродром до крајот искусно го сочуваа резултатот за брејк во серијата.

Бојиќ со дабл-дабл од 17 поени и 10 скока делуваше незадржливо за домаќините, но и капитенот Стојановски со 16 поени, односно 4/5 за три беше меѓу најзаслужните за триумфот на тимот на Радуловиќ. Кесар и Калахан со по 16 поени беа најефикасни за Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести