МЗТ запрен и во Аеродром, Приморска е првак на АБА 2 лигата

Сикст Приморска од Копер е нов првак на втората АБА лига и во следната сезона ќе игра во главното јадранско друштво. Приморска вечерва во „Јане Сандански“ го совлада МЗТ Скопје Аеродром со 66-61 и со чисти 3-0 во победи, докажа дека е најсилен тим во лигата.

МЗТ ќе има уште една шанса за влез во главната АБА, а тоа е баражот против Задар. Тој бараж ќе се игра во две добиени средби, а хрватскиот тим ќе игра дома на првиот и евентуално на третиот меч.

МЗТ сезонава имаше просек од 84 поени по меч во АБА 2 лигата, а во финалната серија ниту еднаш не постигна барем 75 поени. И вечерва, на „штрковите“ не им беше дозволено да распалат со целиот свој арсенал. Овие 61 поен се неславен сезонски рекорд.

Во првата четвртина двата тима се менуваа во водство, а МЗТ ја доби со 21-19. По предноста од 23-19, гостите направија серија од 8-0 и ја презедоа иницијативата, не дозволувајќи му на македонскиот тим да ја врати предноста. На пауза се замина со 39-34 за Приморска, која во првото полувреме погоди 6 тројки од десет обиди, а проблем за „металците“ беа десетте загубени топки.

Третата четвртина најави победа на словенечкиот тим. Нападот на МЗТ воопшто не беше убоит, во средината на третата четвртина Приморска во неколку наврати отиде на двоцифрена предност, а со тројката на Херис, во последниот квартал се влезе со плус 13 разлика. Ова делуваше релаксирачки за тимот од Словенија, па пет минути не дадоа кош и МЗТ намали на 50-56, најавувајќи драма во финишот.

Македонскиот вицепрвак дојде на 61-62 во последната минута, а Шишко реализираше за 64-61. Следуваше блокада над Медфорд и поени од контра на Хоџиќ за 66-61, и титула.

- Оглас -

Најнови вести