На Атлетико не му лежат гостувањата во Севилја, Реал и Барса задоволно тријат раце

Бетис и Атлетико Мадрид вечерва одиграа 1-1 и тоа е резултат кој ги израдува Реал Мадрид и Барселона, кои се конкуренти на Јорганџиите во битката за титулата во шпанската лига. Сега, на осум кола до крајот, Атлетико е прв само со еден бод пред Реал и два пред Барса.

Атлетико второ коло по ред гостуваше во Севилја и повторно не успеа да победи, па неговите конкуренти се радуваат на падот во формата на тимот на тренерот Диего Симеоне. Атлетико во првите 16 кола прими само 6 гола, а оттогаш за 14 кола прими 14 погодоци.

Гостите од Мадрид поведоа уште во петтата минута со гол на Караско, а Бетис изедначи со гол на Телјо, кој е дете на Барселона. Телјо има пет гола сезонава и ова е негова најефикасна сезона откако е во Бетис. Мануел Пелегрини остана без победа против Симеоне, но треба да биде задоволен со бод.

Севилја утре игра на гости со Селта и ако победи, ќе се доближи на шест бода од лидерот Атлетико, што и Андалузијците ги остава во каква-таква игра за титулата.

- Оглас -

Најнови вести