На Барселона ова ѝ се нема случено 15 години!

Барселона вчера ремизираше без голови на гостувањето кај Хетафе, што само потврдува дека каталонскиот гигант сезонава има проблеми со реализацијата во нападот. Ова беше трет дуел по ред на кој Барселона не успеа да постигне гол, откако претходно одигра 0:0 против Жирона, а претходно загуби со 0:4 од Реал Мадрид во Купот.

Ова е прв пат во последните 15 години, Барселона на три средби по ред да не може да постигне гол. Последен пат тоа се случи во 2008 година кога Барселона под раководство на Франк Рајкард не можеше да постигне погодок на четири дуели по ред (два меча против Манчестер јунајтед во полуфиналето на Лигата на шампиони).

Ако се погледне ефикасноста на Барселона сезонава во Примера дивисион, повторно ќе се забележи дека нападот е најслаба карика во екипата. Тимот предводен од Чави Ернандес досега постигна 53 погодоци во 29 кола, што е најмалку погодоци уште од сезоната 2003/04. Пред 20 години, Барселона по 29 кола имаше дадено само 48 погодоци.

И покрај една ваква слаба реализација во нападот, Барселона е убедлив лидер во домашното првенство со дури 11 бодови повеќе од Реал Мадрид кој е втор. Оваа убедлива предност на Каталонците е најмногу благодарение на одличната одбрана. Во 29 кола, имаат примено само девет погодоци.

- Оглас -

Најнови вести