На Ван дер Варт му е доста од фудбал

Ексрепрезентативецот на Холандија и поранешен член на Реал Мадрид, Рафаел ван дер Варт по крајот на оваа сезона, ќе се повлече од фудбалските активности. Триесет и петгодишниот офанзивец смета дека повеќе не може да ги издржи напорите како некогаш, што е знак дека доаѓа крајот на кариерата.

„Додека ми издржува телото, ќе го правам тоа што го сакам, но, сметам дека оваа сезона за мене е последна. Јасно ми е дека повеќе не можам да играм како порано, тоа го прифатив одамна и знам дека дојде време да ставам крај на кариерата“, истакна Ван дер Варт.

Холаѓанецот ја започна кариерата во Ајакс, а потоа заигра и за бундеслигашот Хамбургер. Кратко време се задржа во Реал Мадрид, а ги бранеше боите и на Тотенхем, пред да се врати во ХСВ, а во 2015 година се пресели во Бетис од Севилја. Две години помина во редовите на данскиот тим Митјиланд, а од ова лето е член на Ејсберг.  За сениорската селекција на „лалињата“, Ван дер Варт одигра 109 натпревари на кои 25 пати се запиша како стрелец.

- Оглас -

Најнови вести