Американскиот спринтер Ноа Лајлс блесна на Светското атлетско првенство во Будимпешта, освојувајќи злато на 100 метри, 200 метри и во штафетата 4 по 100 метри. Тој е првиот спринтер со ваков подвиг по Јусејн Болт, а прв Американец со три златни медали во спринтерските дисциплини по Тајсон Гај во 2007 година.
Лајлс вкупно има шест титули светски првак, меѓу кои се три последователни на 200 метри. По овоие успеси, Лајлс реши да направи споредба со титулата која ја освојуваат кошаркарите во НБА лигата, кои се крунисуваат во светски прваци, иако тоа е натпреварување во кое учествуваат клубови само од две земји (29 екипи од САД и една од Канада).
„Највеќе ме боли кога го гледам НБА финалето и кога ќе го видам натписот „светски прваци“ над нивните глави. Светски прваци на што? На САД? Немојте погрешно да ме сфатите, јас ја сакам САД, понекогаш, но тоа не е светот. Овде имаме луѓе речиси од сите земји во светот кои се борат, даваат се од себе и гордо го носат своето знаме. Во НБА нема знамиња“, рече Лајлс.