Една погрешна одлука често знае да биде катастрофален потег на еден спортист. Во текот на кариерата, атлетите се наоѓаат на раскрсница која може да ги однесе до слава или, пак, целосно да ги упропасти. Еден лош момент може да ги овековечи и да ги прогонува цел живот, а вакви ситуации имало безброј во спортската историја.
Вејн Грецки – Олимписки игри 1998 година
Несомнено најдобриот хокеар на сите времиња, Вејн Грецки, не беше избран од селекторот на Канада да биде меѓу играчите кои ќе шутираат пенали против Чешка во полуфиналната пресметка на ЗОИ во 1998 во Нагано. Селекторот Крофорд не му даде шанса на својата мегаѕвезда, а неговите избраници ги промашија сите обиди во пенал-рулетот и на крајот Канада остана без посакуваното финале.
Валентино Роси ја замени Јамаха со Дукати
Во 2011 година, тогашниот актуелен светски првак во Мото ГП, Валентино Роси, одлучи да ја напушти Јамаха и да се пресели во тимот на Дукати. Следните две сезони ги помина во сивило, италијанскиот мотоциклист само трипати се искачи на подиумот од 35 трки.
Боуви пред Џордан
НБА-драфтот од 1984 година ќе остане запаметен по најголемата глупост направена од франшизата од Портланд. Трејлблејзерс бираа како втор тим на драфтот, па својот пик го искористија да го одберат Сем Боуви, пред Мајкл Џордан. Кариерата на Боуви брзо згасна, а Џордан подоцна се наметна како најдобриот кошаркар на сите времиња.
Фернандо Алонсо го смени Рено со Мекларен
Алонсо во 2007 година потпиша договор со Мекларен откако освои две последователни светски титули во Формула 1 со тимот на Рено. По неуспешната соработка со Луис Хамилтон, Шпанецот одлучи да се врати во Рено, иако тие веќе немаа толку брз болид со кој ќе конкурира за тронот, додека Хамилтон остана во Мекларен и наредната година стана светски првак.
Атлетико Мадрид не го потпиша Раул Гонзалез
Во 1992 година претседателот на Атлетико Мадрид испуштил шанса да му понуди професионален договор на Раул Гонзалез, кој како кадет бил член на „јорганџиите“, иако тренерите од младинската академија инсистирале за негово задржување. Раул откако останал без клуб, заминал во редовите на Реал Мадрид, каде што подоцна стана клупска легенда.
Гутман и проклетството на Бенфика
Во 1962 година Бела Гутман со Бенфика ја освоил втората европска титула, па одлучил да побара зголемување на платата. Раководството на клубот одбиле да му дадат покачување, а тој си заминал од Бенфика и притоа им „фрлил“ клетва: „Бенфика без мене никогаш нема да стане европски шампион.“ Повеќе од половина век подоцна, Бенфика одигра седум финалиња и ги загуби сите седум.
Барселона се откажала од Ди Стефано
Барселона и Реал Мадрид имале можност да ги делат услугите на легендарниот Алфредо ди Стефано откако националната спортска делегација им го дозволи тоа. Ди Стефано требало да игра по една полусезона за секој тим, но откако од таборот на Каталонците не се согласиле на оваа делба, Ди Стефано во целост бил играч на Реал, а подоцна прерасна во клупска икона.
Хулен Лопетеги станува тренер на Реал Мадрид
Шпанија се сметаше меѓу главните фаворити за освојување на Мундијалот во Русија кој се одигра летово. Но, целиот труд од претходно им пропадна во вода откако селекторот Хулен Лопетеги на два дена пред почетокот на Светското првенство одлучи да потпише со Реал Мадрид и да стане наследник на Зинедин Зидан. Тој потег го чинеше селекторското столче во „црвената фурија“ само еден ден пред почетокот, а пет месеци подоцна, односно вчера, поради слаби резултати доби отказ и од „кралевите“.
Конор Мекгрегор симнат од престолот на UFC
Кралот на октагонот, Конор Мекгрегор, одлучи да оди по ризичен пат и да се проба во боксерски ринг. Ирецот прифати борба против Флојд Мејведер, по која си го наполни џебот, но не му донесе уште поголема слава. Конор загуби од Мејведер, а поради неактивност во „UFC“, му беа одземени титулите во лесна и суперлесна категорија. Мекгрегор сакаше со стил да ги врати титулите, па по две години пауза, прифати борба против актуелниот шампион Хабиб Нурмагомедов, но и од него загуби.