Наскоро се враќа и НБА-лигата!

Конечната одлука околу продолжувањето на сезоната во НБА-лигата ќе се донесе најдоцна за две до четири недели, известуваат американските медиуми. Со голем оптимизам се одвиваа последните неколку разговори меѓу комесарот Адам Силвер и претставниците на лигата.

Раководствата на екипите се задоволни од планот кој го направи лигата, односно протоколот кој ќе мора да се почитува при враќање на паркетите. Допрва треба да се донесе едногласна одлука околу рестартот на сезоната бидејќи се прашуваат и играчите, а од претходно се знае дека повеќето се „за“, иако не им се допаѓа фактот што ќе играат пред празни трибини.

„Во случај да продолжиме со натпреварувањето, еден позитивен тест нема да значи нов прекин на сезоната“, изјави комесарот Силвер.

Од минатата недела клубовите добија дозвола да ги отворат тренинг-салите во кои може да се вежба индивидуално, додека уште се спроведува протоколот за групно тренирање. Сезоната во НБА-лигата е во застој од 11 март, откако се појави првиот случај на заразен со ковид-19, што значи дека веќе два месеци најатрактивната кошаркарска лига не е на програмата.

- Оглас -

Најнови вести