НБА кошаркарите се откажуваат од бројките 8 и 24

Коби Брајант е единствениот играч во историјата на НБА-лигата во чија чест еден клуб решил да повлече две бројки. Тоа се бројките 8 и 24, кои во текот на 20-годишната кариера ги носеше Коби во Лос Анџелес лејкерс. По трагичната смрт на еден од најдобрите кошаркари во историјата, играчите во НБА започнаа да се откажуваат од бројките кои беа симбол и асоцијација за Коби.

Спенсер Динвиди од Бруклин прв се одлучи на таков чекор. Тој играше со бројот 8, но во продолжение од сезоната ќе го носи дресот со бројот 26. Динвиди објасни дека и бројот 26 има симболика и е поврзан со Брајант. Тоа е збирот на бројот 24 кој исто така го носеше Коби и бројот 2 кој го носеше неговата ќерка Џиџи, која исто така загина во хеликоптерската несреќа.

На менување на дресот се одлучи и Теренс Рос од Орландо, кој во остатокот од сезоната ќе игра со бројот 31. Во следните неколку дена се очекува и други играчи да ги променат броевите, а од пред неколку дена од Далас соопштија дека дресот со бројката 24 ќе биде повлечен во чест на Коби.

 

- Оглас -

Најнови вести