Не е само евроголот на Џани: Брилијантна е статистиката на македонскиот репрезентативец

Езџан Алиоски блескаше за Лидс во дуелот со Вест Бромич албион, а евроголот што го постигна за 2:0 во петардата на гостите беше ремек-дело.

Со бомба надвор од шеснаесетникот, популарниот Џани го здрма „Хауторнс“ во Бирмингам со еден од најубавите голови сезонава во Премиер лигата.

Но, не е само евроголот што ја украси феноменалната партија фудбал на македонскиот репрезентативец, туку и сите останати категории му се импресивни.

Педантните аналитичари во Премиер лигата му изброија точно 105 контакти со топката, што е извонредно и во просек над еден допир на минута, што ја потврдува доминацијата на теренот и на гостите, но и на Алиоски.

Што е уште подобро, имаше 82 додавања, од нив дури 87 отсто прецизни, кои завршија на вистинското место, кај неговите соиграчи, што е брилијантен ефект.

Алиоски доминираше и во дуелите со играчите на ВБА, доби дури 9 од нив, што исто така е топ-показател за неговата одлична претстава и во одбраната и во нападот.

„Ми одговара стилот на игра што го поставува нашиот тренер. Навистина се трудев да бидам корисен на секој дел од теренот. Лидс игра атрактивен фудбал, физички сме силни и се надевам дека ќе продолжиме со вакви претстави и во продолжението на Премиер лигата“, изјави Алиоски по победата од 5:0.

Следниот предизвик за него и за соиграчите е голем, ќе му гостуваат на Тотенхем на новиот „Вајт харт лејн“ во Лондон на 2 јануари.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести