Чуден е денешниот ракометен ден во Лигата на шампионите од аспект на македонските клубови и играчи, а немаше ниту еден на четири дуели, нешто што не се случило одамна.
Во Лигата на шампионите не игра стандардниот учесник Вардар откако поради неподмирени долгови го исфрли ЕХФ, а денеска на четири натпревари немаше ниту еден македонски ракометар.
Ланскиот освојувач на бронзата, германски Кил го победи ПИК Сегед со 34:29 во меч од третото коло во Б групата.
Висла Плоцк беше подобра од ГОГ и славеше со 31:27 во меч од А групата, а последни се одиграа дуелите меѓу Барселона и Целје и Нант против Елверум, на кои домашните екипи ја потврдија доминацијата.
Барселона го победи Целје со 38:30 и остана лидер во А групата како единствена екипа со максимален учинок од три победи.
Нант, за кој до лани играше македонскиот селектор Кирил Лазаров, го декласира Елверум со 41:30 и се проби на делба на второто место во истата група со шест бода во три кола.