Нејмар најефикасен Бразилец во историјата на ЛШ, рекорди и за Касилјас и Барса

Со погодокот на гостувањето кај Црвена ѕвезда, Нејмар стана најефикасен Бразилец во историјата на Лигата на шампионите. Најскапиот фудбалер на светот и член на ПСЖ во најсилното клупско натпреварување во Европа има дадено 32 гола, со што го надмина Ривалдо, кој имаше 31. Зад нив се Кака со 30, Жардел со 28 и Елбер со 27 гола.

Подвиг направи и Ливерпул, кој е првиот тим по Динамо Киев од 1999/2000 што ја минал групната фаза и покрај тоа што имал три порази во шесте меча. Од друга страна, Наполи не оди во осминафинале, а имаше само еден пораз. „Наполитанците“ се прв тим по Динамо Киев од 2004 кој бил прв во групата на едно коло до крајот, а испаднал.

Барселона на 29 европски мечеви по ред останува непоразена на „Камп ноу“. Ова е изедначување на рекордот кој го држеше Баерн Минхен од 1999 до 2002 година. Последниот домашен пораз на Каталонците во ЛШ е против Баерн (0-3 во 2013 година).

Шпанскиот голман Икер Касилјас стана вториот човек по Кристијано Роналдо со 100 победи во ЛШ. Касилјас до стотката дојде вчера, откако неговиот Порто славеше во Истанбул кај Галатасарај.

- Оглас -

Најнови вести