Јавна тајна е дека Нејмар сака да си замине од ПСЖ и е подготвен да прифати и помала плата само да си замине од „Паркот на принцовите“. Светските медиуми веќе ги започнаа шпекулациите дека Нејмар може да ги залечи раните на навивачите на Барселона по пропаднатиот трансфер на Меси, кој одлучи да продолжи во САД.
Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, беше прилично изненаден од ваквата информација која му ја презентираа новинарите, но експресно ги отфрли ваквите шпекулации.
„Изненадување … Ова за мене е изненадување. Видете, го ценам Нејмар како личност, како играч и како пријател. Тој е одличен фудбалер, но не е во нашите планови“, им одговори тренерот на Барселона на новинарите.
Нејмар во Барселона играше од 2013 до 2017 година, кога направи трансфер во ПСЖ за 222 милиони евра, што воедно сè уште е рекорд.