Нема опуштање и потценување против Зрињски

МЗТ Скопје Аеродром без потценување ќе му пристапи на вечерашниот меч (19 часот) во „Јане Сандански“ против Зрињски од втората АБА-лига бидејќи иако тимот од Мостар има само пет победи, двојно помалку од МЗТ, сепак станува збор за шампион на Босна и Херцеговина.

Една од победите на Зрињски сезонава беше токму против МЗТ, кога Рамљак со 35 и Миличевиќ со 25 поени ја уништија одбраната на „штрковите“. Но, од тој меч на 24-ти октомври, досега се сменија некои работи, во екипите има нови играчи, а други си заминаа или се повредени.

„Ова е одлична шанса со победа дома да влеземе во победничка серија и да ја потврдиме гостинската победа кај Ловќен. Нема релаксирање, во мечот влегуваме максимално и верувам дека ќе ги освоиме бодовите за задржување на второто место“, изјави Дарко Соколов.

Тренерот Ѓорѓи Кочов нема да смета на Лестер Медфорд, но и без него „металците“ славеа кај Ловќен, кога помош дојде и од ветеранот Предраг Самарџиски, кој по подолго време, повторно ќе заигра во Аеродром.

„Никако не смее да ги потцениме, без разлика на пласманот на табелата. Зрињски е тим кој може да биде многу опасен ако му се дозволи да се разигра. Ние тоа добро го почувствувавме на гостувањето во Мостар. Сигурен сум дека со фокусирана игра, добра одбрана, ќе успееме да триумфираме“, смета Кочов.

Зрињски има проблеми со повредени играчи и долго патување до Скопје, па фаворитската улога му ја препуштаат на МЗТ, кој се бори за освојување на втората позиција и предност во полуфиналето на плејофот.

- Оглас -

Најнови вести