Нема пардон кај Ставрев – Со рекорден број картони ги смири воинствените играчи

Александар Ставрев имаше тежок испит на источноевропското дерби во Лигата на Европа, а со рекорден број картони во четвртото коло од Лигата на Европа навремено ги смири воинствените играчи на Ференцварош и на ЦСКА Москва.

Македонскиот судија покажа најмногу картони од сите арбитри на 23 меча што се играа во Лигата на Европа вчера. По пет добија и играчите на домаќинот, на Ференцварош, и на гостите од Москва, а за Кирил Набабкин играта предвреме заврши во 90-тата минута, кога го доби вториот жолт картон, што повлекува автоматско исклучување.

Бодовите им беа исклучително важни и на двете екипи во обидот да се дојде до второто место во Х групата што води понатаму. Мечот заврши без голови, а моментно и Ференцварош и ЦСКА се во аут бидејќи пред нив се лидерот Еспањол со 10 бода и Лудогорец со шест.

Унгарците имаат пет бода и сè уште се со реални панси за пласман понатаму, а ЦСКА е со еден бод и има само симболични шанси за прогрес.

- Оглас -

Најнови вести