Немилосрдно – Русија само со еден пораз на ЕП нема да игра за медал (Видео)

Немилосрдни се турнирите на големите натпреварувања, а најдобро тоа вечерва го почувствуваа ракометарките на Русија, кои испаднаа и нема да играат полуфинале на ЕП, само со еден пораз.

Данска беше подобра во директниот дуел и победи убедливо со 30:23, па ќе игра против соседот Норвешка за финале.

На Русија, која го претрпе првиот пораз, ѝ одговараше и реми бидејќи го почна дербито на последното коло од втората фаза по групи со еден бод повеќе од Данкинките и без ниту еден пораз на турнирот.

Сепак, женската репрезентација на Данска потврди дека е велесила и една од најдобрите на светот во континуитет и од почеток до крај имаа предност.

Русија само еднаш водеше, со 2:1 на почетокот на мечот, а Данска замина на одмор со предност од 13:9. Победничката репрезентација држеше темпо и во вториот дел и успеа да победи убедливо со 7 гола разлика.

Хојлунд со 7 погодоци беше најефикасна во таборот на Данска, а Дмитриева погоди 9 пати за Русија, со што беше најефикасна на мечот.

Претходно во уште еден директен дуел за второ место, но во втората група, Хрватска ја победи Германија со 23:20 и си обезбеди историски и прв настап во полуфинале на ЕП, а противнички ќе им бидат репрезентативките на Франција.

- Оглас -

Најнови вести