Ракометната репрезентација на Македонија и официјално ги заврши подготовките за настапот на Европското првенство и сега со нетрпение го чекаме петок и првиот дуел против Данска.
Нашите ракометари вечерва го совладаа данскиот прволигаш Мидтјиланд со 35-27 во генералката пред континенталниот собир.
„Мислам дека успеавме се да опфатиме и добро да се подготвиме за натпреварите кои ни претстојат на Европското првенство од групната фаза. Функциониравме добро, беше малку тешко бидејќи имавме многу контролни натпревари, но одигравме добро до самиот крај. Максимално сме подготвени за она што ни претстои на Европското првенство.“ – вели Ненад Костески.
Македонскиот репрезентативец верува во успешен настап, а како што вели, целта на сите е да ја израдуваат Македонија.
„Станува збор за сериозна група, да не трошиме зборови, но знаеме за какви репрезентации станува збор. Тука е Данска, па Португалија, која на претходното првенство заврши на четвртото место и Романија која во никој случај не смее да се потцени и е во нагорна линија. Мислам дека подготвени ќе ги дочекаме натпреварите, ќе одиграме најдобро што знаеме, ќе го дадеме максимумот и се надевам на позитивни резултати на сите три натпревари и да ја израдуваме цела Македонија. Зошто да не поминеме и во следната фаза.“ – додава Костески.

