Полскиот голман Војќех Шчесни преку социјалните мрежи информира дека одлучил да стави крај на својата професионална кариера.
Ова е шокантна вест бидејќи за голманот, кој досега бранеше за Јувентус, имаше понуди од Саудиска Арабија и Италија.
„Одличен голман, прекрасно човечко суштество“. Вака од Јуве ја искоментираа одлуката на Шчесни за пензионирањето.
Шчесни ги објасни причините за напуштање на фудбалската кариера.
„Ја напуштив Варшава во јуни 2006 за да одам во Арсенал и имав само еден сон, да заработам за живот од фудбалот. Не знаев дека тоа ќе биде старт на моето животно патување. Не знаев дека ќе играм за некои од најголемите клубови во светот и ќе ја претставувам мојата земја 84 пати. Не само што го остварив сонот, туку стигнав и каде што ни имагинацијата не можеше да ме однесе. Играв на највисоко ниво со најдобрите играчи во историјата без да се чувствувам инфериорен. Создадов многу пријателства, сè што имам во моментов е благодарение на прекрасната игра наречена фудбал. Дадов 18 години од мојот живот, секој ден, без оправдувања.
Денеска моето тело уште е подготвено за предизвици, но моето срце не е. Време е целото внимание да му го посветам на семејството, на мојата прекрасна жена Марина и нашите две убави деца Лијам и Ноелија.
Одлучив да се повлечам од професионалниот фудбал.
Крајот на патувањето е време за размислување и благодарност. Има многу луѓе на кои би требало да им се заблагодарам, но ќе се обидам да го направам тоа лично со секој од нив. Вам навивачите ви должам посебна благодарност што бевте со мене. Без вас ништо од ова нема да има смисла! Ви благодарам!
Секоја приказна има крај, но во животот секој крај е нов почеток. Што ќе ми донесе овој нов пат, само времето ќе покаже. Но, ако последните 18 години ме научија нешто, тоа е дека ништо не е невозможно“, напиша Шчесни.