Нестор ги плаши Италијанците: Не играв на ЕП, сакам да играм на СП, во Палермо сум како дома!

Македонскиот фудбалер Илија Несторовски даде интервју за италијанскиот весник „Ла Република“ во кое тој вели дека гори од желба со репрезентацијата да игра на Светското првенство откако поради повреда го пропушти историскиот настап на Европското првенство.

За да стигне до Мундијалот, Македонија треба прво да ја победи Италија во Палермо на 24 март. Несторовски во последноите шест години игра и живее во Италија, а три години беше член на Палермо и одлично го познава стадионот „Ренцо Барбера“.

„Бараж за СП со Италија во Палермо е како сон за мене. Се надевам дека селекторот ќе ме викне,бидејќи во Палермо сум како дома, бев и капитен на тимот. Атмосферата сигурно ќе биде одлична, навивачите таму знаат да направат притисок врз гостите, но можеби во Италијанската федерација заборавија дека јас и Трајковски таму сме како дома, добро го познаваме теренот. Еднаш имаме дадено гол против Италија и благодарение на тие голови, Италија мораше да игра бараж и не се пласира на СП во Русија“, вели напаѓачот на Удинезе.

„Италија сака да оди на СП, но јас сакам уште повеќе. Летоска не играв на Европско поради скинати лигаменти, би сакал да заиграм на Мундијалот“, додава Несторовски.

- Оглас -

Најнови вести