Пред почетокот на сезоната веројатно никој не веруваше дека Риека може да дојде до титулата во хрватското првенство, но на крајот го кренаа трофејот во неизвесна завршница и во конкуренција на вечните ривали, Динамо и Хајдук.
За Риека ова е втора титула во независна Хрватска, по онаа во 2017 година, а градот цела ноќ не спиеше и го славеше трофејот. Доцна вечерта на навивачите низ улиците на градот им се придружија и фудбалерите, кои пристигнаа со трофејот. Риека со освојувањето на титулата си обезбеди место и во квалификациите за Лигата на шампионите, додека Динамо Загреб и Хајдук ќе играат во Конференциската лига.
Риека има можност да дојде и до двојната круна бидејќи во четврток го игра реванш-финалето од Купот на Хрватска против Славен Белупо. Првиот меч во Копривница заврши нерешено, 1-1.