Ни доаѓа чест и интересен гостин – Ги предводи Капетан Мики, лидерот има Африканци и Јужноамериканци во составот што ќе игра во Скопје

Ерменците се чести гости и ривали на Македонија, а со многу оптимизам повторно ни доаѓаат на мегдан во Скопје, на 2 септември, во меч од четвртото квалификациско коло за настап на Мундијалот во Катар.

Ги предводи селектор странец, и тоа одличен, а Хоакин Капарос е со огромно искуство и реноме во шпанскиот фудбал. Беше тренер на врвни екипи од калибарот на Вилјареал, Севилја, Атлетик Билбао, Мајорка, Леванте, Осасуна, а за првпат е во улога на селектор.

Со него на кормилото, Ерменците како да се преродија и играат одлично. Лидери се во нашата квалификациски група и единствени без пораз и со максимален учинок по три кола.

Големо охрабрување за нив е што токму за дуелот со Македонија камбек во репрезентацијата направи нивниот најпознат играч Хенрик Мхитаријан.

Популарниот Мики ќе биде капитен на Ерменија на 2 септември во Скопје и играчот на Рома ќе биде голем адут на гостите.

Капарос во составот од вкупно 27 репрезентативци што ги повика за трите септемвриски квалификациски дуели, има и еден натурализиран репрезентативец родум од Нигерија, а се очекува Соломон Одо да биде стартер.

Уште еден, Ангуло Москера, ќе игра во Скопје, а е роден во Колумбија. Интересно е што поради строгите протоколи за ковид-19, против Македонија нема да настапи Норберто Бријаско, кој е роден во Аргентина и игра за гигантот Бока јуниорс.

Имаат уште двајца Јужноамериканци кои Капарос не ги повика за дуелите со Македонија, Германија и со Лихтенштајн, сите на распоред во септември.

Ерменците вкупно имаат десеттина репрезентативци што не се родени во земјата, но настапуваат за репрезентацијата. Главни ѕвезди им се Мхитаријан од Рома, Адамјан, кој игра за Хофенхајм, и Харојан од шпанскиот Кадис.

Мечот ќе се игра на 2 септември, на Националната арена „Тодор Проески“ од 20.45 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести