Ни Нико не успеа да го спаси Штутгарт – За Чурлинов немаше место ниту на клупа

Штутгарт доживеа неочекуван пораз во првиот меч за клубот при кам-бекот на натпреварите во Втората германска лига.

Домаќинот Вехен приреди мал подвиг и славеше со 2:1, со победнички гол во последните моменти. Јунак беше Филип Тајц, кој погоди за три бода во седмата минута од судиското продолжение од пенал.

Претходно со погодок во 83. минута гостите од Штутгарт израмнија на 1:1 со голот на Нико Гонзалес, откако претходно Вехен водеше по прецизниот удар на Шафлер.

Кај гостите во составот го немаше Дарко Чурлинов, единствениот Македонец што игра во една од двете најквалитетни лиги во Германија.

И во преостанатите три меча што се играа денеска во популарната Цвајта, ниту една гостинска екипа не успеа да победи.

Лидерот Арминија Билефелд ремизираше 1:1 со Оснабрик, со по гол повеќе нерешено одиграа и Гројтер фирт и Хамбургер, а Сент Паули го победи Нирнберг со 1:0.

 

- Оглас -

Најнови вести