Крилниот напаѓач на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, избегна сериозна повреда, покажаа медицинските прегледи направени утрово, пишува весникот „Марка“. Така тој ќе мора принудно да одмора три недели и ќе биде подготвен за Шпанија за Светското првенство, кое започнува точно за еден месец – на 11 јуни.
Нико Вилијамс ја доби повредата при поразот од Валенсија во Ла Лига во текот на викендот, а првичните прогнози не беа добри и предвидуваа дека напаѓачот ќе го пропушти Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Тој има мускулна повреда на левата нога, при што прогнозите на лекарите се дека по три недели Вилијамс ќе биде во форма и подготвен за максимални напори. Сепак, тој ќе мора да го пропушти пријателскиот натпревар на Шпанија против Ирак на 4 јуни во Ла Коруња, но ќе биде подготвен за стартот на Црвената фурија на Светското првенство против Капе Верде на 15 јуни.

