Никогаш не е доцна за деби во репрезентација, ниту прерано за прв гол

Фудбалерот на Хетафе, Хаиме Мата, синоќа дебитираше за репрезентацијата на Шпанија, иако има 30 години и 159 дена. Тој докажа дека никогаш не е доцна да се дебитира во националниот тим, а интересна е и неговата патека до дресот на „црвената фурија“.

Мата има играно во Терсера дивизија во Шпанија, во Сегунда Б, Сегунда А, и Примера. Човекот на 29 години за првпат заигра во најсилната шпанска лига, а сега е репрезентативец. Наградата ја доби синоќа против Норвешка, кога влезе во игра на местото на Алваро Мората во 89 минута. Додуша, публиката во Валенсија го исвирка, бидејќи е член на Хетафе, со кој имаа контроверзен меч во купот на Шпанија, но Мата беше еден од хероите на Шпанија синоќа.

Хави Наваро во 2006 година истотака имаше 30 години кога првпат заигра за Шпанија, а пред нив, само уште шестмина во историјата на шпанската репрезентација направиле такво нешто.

Дека годините не се важни за селекторот Луис Енрике, покажа и со повикувањето на Хесус Навас кој сезонава игра како десен бек. Навас заигра за националниот тим првпат после пет години, или точно 1.844 дена пауза.

Италијанскиот фудбал веројатно има нова ѕвезда, а тоа е Моис Кин од Јувентус. Тој синоќа дебитираше како стартер и даде гол во победата од 2-0 против Финска. Кин со 19 години и 23 дена, е вториот најмлад стрелец во историјата на „аѕурите“. Помлад стрелец за Италија бил само Бруно Николе во далечната 1958 година, а малку зад Кин се легендите Џани Ривера и Џузепе Меаца.

- Оглас -

Најнови вести