Норвешка решиси сигурно ќе има свој преставник во групната фаза од Лигата на шампионите откако синоќа Бодо/Глимт на свој терен блесна и убедливо со 5:0 славеше над Штурм од Грац. Низ историјата на европските натпреварувања, нема екипа која успеала да се врати во реваншот по негатива од 5:0, па јасно е дека Бодо/Глимт испишува клупска историја.
Овој клуб никогаш претходно не играл во групна фаза од Лигата на шампионите, а за тоа да биде потврдена реалност, треба само да го одигра реваншот во Австрија и да не загуби со пет или повеќе голови разлика.
Фуриозно започна Бодо/Глимт на својот стадион, кој собира малку повеќе од 8.000 гледачи. Само по 25 минути игра, норвешкиот првак водеше со 3:0, а во второто полувреме беа постигнати уште два гола во мрежата на гостите за конечни убедливи 5:0.
Бодо/Глимт е тим кој е формиран пред 108 години, но никогаш претходно немал некои позабележителни резултати. Во 2017 година дури играше и во втората норвешка лига, што само покажува дека бил далеку од квалитетот што го бара Лигата на шампионите.
Сепак, со квалитетна и напорна работа, Бодо/Глимт во 2020 година првпат станува шампион на Норвешка. Дека има европски квалитет, покажува и со настапот во Конференциската лига на УЕФА во сезоната 2021/22, кога стигна до четвртфиналето, каде што беше елиминиран од Рома со вкупни 2:5.
И во следните три сезони Бодо/Глимт има успешни европски настапи. Двапати играше во плејофот за влез во групната фаза од Лигата на шампионите, но губеше од Динамо Загреб и од Црвена ѕвезда.
Минатата сезона Бодо/Глимт стигна до полуфиналето на Лигата на Европа, каде што беше сопрен од Тотенхем, клуб кој во финалето го освои и трофејот во второто по ранг натпреварување на УЕФА.
Едноставно, норвешкиот шампион покажува како од сезона во сезона постојано расте и напредува, па сигурно дека повеќе од заслужено ќе биде и пласманот во групната фаза во Лигата на шампионите за оваа сезона.