29.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Никој не може да ги запре ракометарките на Вајперс, трета година по ред се европски шампионки

Ракометарките на Вајперс Кристијансанд ја продолжуваат доминацијата во Лигата на шампионите и трета година по ред се искачија на европскиот трон.

Вајперс во финалето на завршниот турнир кој традиционално се игра во Будимпешта, го совлада унгарскиот тим Ференцварош со 28:24.

Норвежанките во претходните две години славеа над Брест (34:28) и над Ѓер (33:31), кого сега го совладаа во полуфиналето.

Ракометарките на Вајперс, фуриозно го започнаа финалето, во десеттата минута поведоа со 5:1, но падот во концентрацијата во завршницата од првото полувреме ја искористи противникот со серија од 1:3 да ја врати резултатската неизвесност и на пауза да се замине со минимални 14:13 за Норвежанките.

На стартот од вториот дел, Вајперс со серија од 7:1 за само седум минути поведе со 21:14 и ги реши дилемите околу победникот. На крајот Вајперс триумфираше со 28:24 и трета година по ред го крева шампионскиот пехар.

Блескаше голманката Катрине Лунде со 16 одбрани, а Вјахирева и Андерсен со по шест гола беа најпрецизни кај европскиот шампион.

Во редовите на Ференцварош, најдобри беа Болк и поранешната вардарка, Андреа Лекиќ кои постигнаа по пет гола.

Во мечот за третото место, Ѓер со 28:27 го победи Есбјерг.

- Оглас -

Најнови вести