Никој не може да го сопре Вардар – „ауфидерзен“ за Рајн Некар

Вардар е во шампионски ритам. Македонскиот првак стигна до четвртата победа во четвртото коло од Лигата на шампиони. Во „пеколот“ во „Јане Сандански“ падна Рајн Некар Левен. Вардарци славеа со 29:27.

Со оваа триумф, Вардар по трет пат успеа во Лигата на шампионите да стартува со четири победи во низа. Тимур Дибиров со 8 гола беше најефикасен, Карачиќ и Борозан постигнаа по 4, а Скубе 3. Голманот Милосављев повторно блесна и имаше 10 одбрани. За Вардар ова е шеста победа во деветиот меч против Рајн Некар.

Од самиот почеток на мечот Рајн Некар поведе со 1:0 и го контролираше резултатот. Вардар во неколку наврати успеа да израмни, но не и да поведе. Во 20 минута гостите направија мини серија од 2:0 и за прв пат поведоа со 10:7, а потоа и 11:8. Вардар се доближи на 11:12, но потоа со серија од 3:0, Рајн Некар за прв пат стигна до четири гола предност во 28 минута (11:15). До крајот на полувремето Вардар со два гола сепак намали на два гола негатива (13:15).

Вардар фуриозно го започна вториот дел. Со серија од 4:1 за прв пат стигна до водство и тоа 17:16 во 34 минута. Потоа се играше гол за гол и беше нерешено 21:21 во 42 минута, а Вардар со мини серија за прв пат поведе со два гола 23:21. Во последните 10 минути вардарци влегоа со предност од 27:24, но Германците не се предадоа и стигнаа до 27:28. Тогаш Дибиров од пенал погоди за 29:27 во 58 минута и во последните две минути Вардар искусно ја задржа предноста за нова радост на навивачите во „Јане Сандански“.

- Оглас -

Најнови вести